Friday, October 14, 2005
Апстракти од предавањето на Paul Goddard MD, UWE Visiting Professor, во FRCR четврток, 11-ти октомври 2001:

Во 60-тите години од минатиот век под водство на Gene Rodenberry се појави една нова телевизиска серија. Оваа серија, Стар Трек, иако воопшто не беше првата научно фантастична телевизиска програма, предизвика силни последици за генерациите идни научници, водејќи, меѓу другото, и до именување на еден вселенски шатл според замислениот вселенски брод Ентерпрајз. Но како може да се спореди медицината во Стар Трек со онаа од 60-тите и какви се споредбените подобрувања денес?

Научната фантастика од еден период многу повеќе ни кажува за аспирациите на писателите и научниците од тоа време отколку за замисленото идно време во кое би требало да се случува. Оттука не би требало да очекуваме Стар Трек да ни кажува за иднината. Впрочем, тоа е сепак само фантазија. Но, таа секако ни кажува за идеите во умовите на писателите на научна фантастика кога станува збор за медицината.

Во 60-тите, примената на компјутери и микропроцесори во медицината се уште не се случила. Медицината била апсолутно ‘low tech’. На полето од радиологија, тогаш стара само 70 години, се забележува релативно бавен напредок. Точно е дека томографијата овозможи груб облик на заматено снимање пресеци, и дека истражувањата на констрастните медиуми ги вклучи и бариумот и јодот, но од друга страна, во клиничка употреба апсолутно не постоеја скенери - ниту ултразвук, ниту компјутеризирана томографија, ниту магнетна резонанца, ниту гама камера ниту ПЕТ скенер.

Токму напротив, медицината во Стар Трек се случува во ‘high tech’ иднина. Се употребуваат неинвазивни скенери за да се одредат виталните параметри на пациентот и автоматски да се прикаже дијагнозата. Се употребуваат монитори за следење на состојбата на пациентот и известување на медицинскиот персонал ако нешто отстапува од нормалното. Постојат и специјални ќебиња за итен случај кои се употребуваат за одржување на телесната температура. Хирургијата во Стар Трек е толку напредна што овозможува мозочни трансплантации.

Станува јасно дека поголем дел од погорното е веќе развиено во денешнава модерна медицина, а ако неврохирургијата се уште не дозволува мозочна трансплантација, тоа не е бидејќи не сака или дека не се обидува; одредени нервни клетки (делови од базалните ганглии кои произведуваат допамин, во случајов клучен невротрансмитер; заб. Dr.Philem0n) се трансплантираат кај пациенти со Паркинсонова болест и даваат променливи резултати.

Со развитокот на скенерите и дигиталната опрема во радиологијата се револуционизира улогата на радиолошкиот оддел, кој станува централен во дијагнозата, планирањето, третманот и понатамошното следење на повеќето пациенти. Експериментално се работи на автоматска анализа на радиолошките слики, за истата да се воведе во клиничка пракса.
Веќе неколку години успешно се употребуваат автоматски апарати за мерење и анализа на крвта и серумот. Компјутерите ја преземаат ЕКГ анализата и евентуалната дефибрилација, доколку состојбата на пациентот тоа го бара. Уредот дури им кажува на присутните да се оддалечат и потоа го администрира шокот.

Исто како што екипажот на Ентерпрајз има непријатели, така и медицинската професија има свои. Очигледната борба е насочена против болеста, траумата и последиците од нив, но скриените непријатели вклучуваат лекарска грешка и трошоци на третманите. Идната медицина ќе го постигне својот максимален потенцијал ако успее некако да го обезбеди неопходното финансирање и ако се минимизираат лекарските грешки.

Види линк: Докторите во Star Trek
 
автор: Dr. Philem0n @ 10/14/2005 03:58:00 PM |


0 Comments: