Friday, February 24, 2006
Денес беше објавен краток напис за Мак Трек во списанието АНТЕНА. Го објавуваме скенираниот напис. Поздрав до редакцијата! :)

 
автор: Бојан Николов @ 2/24/2006 06:24:00 PM | 2 коментар(и)

Алфа Квадрантот е вообичаена ознака за една четвртина од Млечниот Пат. Неговите граници во Федерацијата се одредени преку меридијан кој минува преку центарот од галаксијата и Сончевиот Систем. Меѓуѕвездената политика на Алфа Квадрантот е дефинирана преку присуството на Обединетата Федерација Планети, заедно со другите локални велесили, како што се Кардасијанскиот Сојуз, Ценкетите и Здружението Ференги.

Бета Квадрантот е вообичаена ознака за другата четвртина од Млечниот Пат. Неговите граници во Федерацијата се одредени преку меридијан кој минува преку центарот од галаксијата и Сончевиот Систем, кој продолжува спирално околу галактичкиот диск. Меѓуѕвездената политика на Бета Квадрантот е дефинирана преку присуството на Обединетата Федерација Планети, Ромуланското Ѕвездено Царство и Клингонското Царство.

Гама Квадрантот е вообичаена ознака за третата четвртина од Млечниот Пат. Неговите граници се одредени преку еден меридијан кој минува преку центарот од галаксијата и Сончевиот Систем, и втор меридијан кој е нормален на центарот. Негова најблиска точка до Земјата се наоѓа оддалечена околу 30 000 светлосни години. Како и да е, стабилниот црвотек од Bajor го поврзува системот Idran од Гама Квадрантот со системот Bajor од Алфа Квадрантот. Најголем дел од Гама Квадрантот е под контрола на Доминионот, но се верува дека постојат некои други, помали сили на работ од нивната територија.

Делта Квадрантот е вообичаена ознака за четвртата четвртина од Млечниот Пат. Неговите граници во Федерацијата се одредени преку еден меридијан кој минува преку центарот од галаксијата и Сончевиот Систем, и втор меридијан кој е нормален на центарот. Негова најблиска точка до Земјата се наоѓа оддалечена околу 30 000 светлосни години. Најголема велесила во Делта Квадрантот, се до 2378, е Борг Колективот. Тие покриваат околу две третини од квадрантот, од границата со Бета Квадрантот нанадвор се до галактичката бариера. Други вонземски раси кои контролираат одредени области од квадрантот се, Видијците, Деворите, Кејзоните, Вотите, Хироџените, Хиерархијата и Мејлоните. Во алтернативна временска линија, Креним Империјата контролира широка територија, но Војаџер тоа го променува.

Види линк: Star Trek Политика #1 и Star Trek Политика #2.

 
автор: Dr. Philem0n @ 2/24/2006 02:15:00 AM | 6 коментар(и)
Wednesday, February 22, 2006
Асимилација е процесот преку кој Боргите интегрираат суштества, култури и технологија во нивниот колектив.

Асимилацијата на индивидуално ниво може да започне кога Боргот ќе инјектира две цевчиња за асимилација во беспомошната жртва. Но, понекогаш хуманоидните фетуси се одгледуваат во специјални комори за созревање, со забрзан раст, а потоа спонтано развиваат или хируршки им се вградуваат импланти и протези.

Борг наносондите се инјектираат во крвотекот на жртвата преку цевчиња за асимилација, вообичано две. По големина, секоја наносонда е отприлика колку една црвена крвна клетка. Уништувањето на црвените крвни клетки би предизвикало задушување кај жртвата, а исто така ова допринесува за карактеристичната потчинетост на жртвите пред потполно да бидат асимилирани. Но, ова примарно се постигнува преку зголемената концентрација наносонди во клучните области на нервниот систем, особено лимбичкиот систем. Поради ова, жртвата се наоѓа во состојба на седација.

Преку крвотекот, наносондите патуваат во сите ткива и органи и се прикрепуваат за други клетки. Коскената срцевина е една од првите кои страдаат во овој напад, при што се користи сопствената ДНК на жртвата за истата да се репрограмира да произведува нови наносонди. Штом ќе се најдат во органски носач, наносондите ги користат молекулите на металите од хуманоидните крвни клетки (железо кај луѓето, бакар кај Вулканците) за да реплицираат посложени структури. Наносондите ја препишуваат клеточната ДНК, ја менуваат севкупната телесна биохемија на жртвата, и постепено создаваат поголеми, виши структури и мрежи во самото тело, како што се електрични кругови, јазли за обработка или складирање на податоци, и конечно, протези кои избиваат на површината од кожата како пајаци. Овој процес секако дека ги менува и крвните садови, при што се појавуваат видливи црни ленти на површината од кожата, која добива сива боја поради билионите наносонди во нејзините капилари.

Додека ова се случува, новиот Борг вообичаено се носи во комората за асимилација, во придружба на двајца други Борги, за дополнителни физиолошки и хируршки измени. Жртвата детално се скенира со најразновидни сензори за брзо да и се одреди најефективната улога во рамките на Колективот. Во зависност од тоа се одредуваат и имплантите кои ќе бидат вградени во новиот Борг. Најбитно од се, во горниот дел од 'рбетниот столб се вградува неврален примопредавач кој го поврзува умот на индивидуата со Колективот преку потпросторна врска. Ефектот од тоа е речиси хипнотичен, и Боргите кои го напуштиле Колективот велат дека е надмоќен над се друго. Штом ќе се оствари оваа врска, Колективот почнува да ја преуредува структурата на нервните патишта, со што се губи индивидуалноста на жртвата.

Кога асимилацијата е завршена, хуманоидното суштество е веќе целосно зависно од инсталираната Борг технологија. Не постои потреба од исхрана, таа е заменета со директно претворање на енергијата од Борг alcove-от.

За очекување е дека таквиот видоизменет хуманоид ќе биде целосно зависен од колективната свест и нервната врска која ги одржува Боргите поврзани едни со други. Ако здрав Борг се одвои од Колективот, за неколку часа ќе се активира оригиналниот имунолошки систем, при што телото се обидува да ги отфрли вештачките Борг импланти и протези.

Покрај индивидуи, Боргите исто така асимилираат и планети и технологии, така што се во состојба во рок од само неколку часа по асимилација на посадата, да го преуредат целиот вселенски брод.

Види линк: Борг расата
Види линк: Locutus of Borg
 
автор: Dr. Philem0n @ 2/22/2006 03:36:00 PM | 4 коментар(и)
Saturday, February 18, 2006
Фотонските торпеда се едни од основните проектилни оружја на ѕвездените бродови и бази. Тие се всушност боеви глави од материја и анти-материја, кои предизвикуваат силна експлозија при нивно мешање. Најчесто бојата на фотонското торпедо е црвена, жолта или сина. Фотонските торпеда може да се испукуваат дури и при warp брзина на бродот.

Во XXIV век, технологијата на фотонските торпеда е толку напредната, односно додадени се сензори коишто можат да ја следат метата и да ја погодат/уништат.

Обично не се препорачува со фотонски торпеда да се пука во блиски цели, бидејќи тоа може да му наштети и на бродот од каде што е испукано торпедото. Во таков случај, кога мора да се испука во блиска цел, како на пример во една епизода од Star Trek: The Next Generation, штитовите може да се модифицираат за да се избегне штетата врз бродот од каде што е испукано.

Исто така, традиција на Ѕвездената Флота е, мртвите членови на екипажот на бродовите, да ги испукува во вселената преку празни фотонски торпеда.

Во 2368 година, фотонските торпеда се заменуваат со квантните торпеда.
 
автор: Бојан Николов @ 2/18/2006 03:37:00 PM | 5 коментар(и)
Thursday, February 16, 2006
Деновиве тимот на МакТрек работи на основање на првиот македонски Стар Трек фан-клуб. На форумот, веќе постои дискусија на оваа тема, така што, може да погледнете. Наскоро ќе го објавиме датумот на официјалното основање на Стар Трек фан-клубот, и веројатно ќе има состанок, околу договори за активностите и околу доделување на членските картички. Следете го форумот или контактирајте со нас: maktrek@gmail.com

Исто така, да ве потсетам за петицијата за спасување на Star Trek: Enterprise. Ако не сте ја потпишале, кликнете тука.
 
автор: Бојан Николов @ 2/16/2006 02:55:00 PM | 5 коментар(и)
Monday, February 06, 2006
Репликаторите се базирани на истата технологија што ги овозможува транспортерите.

Репликаторите се можеби најинтересното парче технологија во Star Trek универзумот. Тие се способни навидум од ништо да создадат храна, опрема или речиси било каков материјал. Всушност, тие ништо не создаваат, туку транспортираат веќе постоечки материјал кој се чува на бродот (или местото каде што се наоѓа репликаторот) и во текот на транспортот го менуваат молекуларниот состав на тој материјал во тоа што било побарано.

За да може некој предмет да се реплицира, најпрво треба да се скенира. Ова скенирање се одвива на молекуларно ниво. Бидејќи молекуларната "шема" на било кој предмет зафаќа многу мемориски простор, скенираните податоци поминуваат низ алгоритам за компресија пред да бидат складирани. Во процесот на компресија се губи дел од податоците кој се смета за неважен за добивање на конечниот производ, на сличен начин како што се компресираат и JPG сликите во денешните компјутери. Вкусот (во случајот на храната и пијалоците) вообичаено останува ист, иако некои тврдат дека можат да ја забележат разликата помеѓу вистинско и реплицирано.

Интересно е да се каже дека додека ја истражував оваа тема за Мак Трек предавањето наидов на одговорот на едно прашање кое често си го поставував додека ги гледав сериите (и, нормално, заборавив да го кажам на предавањето): што се случува со чашата/шолјата/чинијата откако корисникот ќе заврши со јадењето/пиењето? Одговорот е дека корисникот треба да ги врати во репликаторот, кој ќе ги складира и претвори повторно во материјал за реплицирање.

Како што напишав погоре, не сите материјали можат да се реплицираат. Посложени работи како што се живи организми не можат да се создадат бидејќи тоа би барало скенирање на квантно ниво. Претпоставувам дека истото важи и за посложени машини, иако постојат и докази дека репликаторите можат да работат и на квантно ниво, притоа искористувајќи огромни количини енергија. Латинмуот е материјал кој не може да се реплицира, но во официјалните материјали нема никакво објаснување зошто е така. Во некоја книга (сеуште не ми текнува која, мислам дека се работи за некој од DS9 романите) е понудено објаснувањето дека латинумот има многу сложена молекуларна структура која е толку слична на некој друг материјал што сите обиди да се реплицира латинум завршуваат со добивање на другиов материјал.

Претходници на репликаторите (кои се појавуваат од TNG-ерата па натаму) се протеинските ресеквенцери (Enterprise) и синтисајзерите за храна (TOS).
 
автор: З. Андоновски @ 2/06/2006 02:07:00 AM | 6 коментар(и)
Friday, February 03, 2006
Се случи и тоа. Македонија има свој дел на Trek Fans United, а јас сум официјално назначен за национален координатор. :)

Само што ја добив прекрасната вест од главните фаци таму, па решив да ја споделам со сите вас. Македонскиот форум на Trek Fans United е исто така од сега активен. Тоа ќе биде официјалниот Мак Трек форум.

Ги повикувам сите заинтересирани фанови од Македонија да се приклучат на Trek Fans United.
 
автор: Бојан Николов @ 2/03/2006 03:06:00 AM | 8 коментар(и)