Wednesday, February 22, 2006
Асимилација е процесот преку кој Боргите интегрираат суштества, култури и технологија во нивниот колектив.

Асимилацијата на индивидуално ниво може да започне кога Боргот ќе инјектира две цевчиња за асимилација во беспомошната жртва. Но, понекогаш хуманоидните фетуси се одгледуваат во специјални комори за созревање, со забрзан раст, а потоа спонтано развиваат или хируршки им се вградуваат импланти и протези.

Борг наносондите се инјектираат во крвотекот на жртвата преку цевчиња за асимилација, вообичано две. По големина, секоја наносонда е отприлика колку една црвена крвна клетка. Уништувањето на црвените крвни клетки би предизвикало задушување кај жртвата, а исто така ова допринесува за карактеристичната потчинетост на жртвите пред потполно да бидат асимилирани. Но, ова примарно се постигнува преку зголемената концентрација наносонди во клучните области на нервниот систем, особено лимбичкиот систем. Поради ова, жртвата се наоѓа во состојба на седација.

Преку крвотекот, наносондите патуваат во сите ткива и органи и се прикрепуваат за други клетки. Коскената срцевина е една од првите кои страдаат во овој напад, при што се користи сопствената ДНК на жртвата за истата да се репрограмира да произведува нови наносонди. Штом ќе се најдат во органски носач, наносондите ги користат молекулите на металите од хуманоидните крвни клетки (железо кај луѓето, бакар кај Вулканците) за да реплицираат посложени структури. Наносондите ја препишуваат клеточната ДНК, ја менуваат севкупната телесна биохемија на жртвата, и постепено создаваат поголеми, виши структури и мрежи во самото тело, како што се електрични кругови, јазли за обработка или складирање на податоци, и конечно, протези кои избиваат на површината од кожата како пајаци. Овој процес секако дека ги менува и крвните садови, при што се појавуваат видливи црни ленти на површината од кожата, која добива сива боја поради билионите наносонди во нејзините капилари.

Додека ова се случува, новиот Борг вообичаено се носи во комората за асимилација, во придружба на двајца други Борги, за дополнителни физиолошки и хируршки измени. Жртвата детално се скенира со најразновидни сензори за брзо да и се одреди најефективната улога во рамките на Колективот. Во зависност од тоа се одредуваат и имплантите кои ќе бидат вградени во новиот Борг. Најбитно од се, во горниот дел од 'рбетниот столб се вградува неврален примопредавач кој го поврзува умот на индивидуата со Колективот преку потпросторна врска. Ефектот од тоа е речиси хипнотичен, и Боргите кои го напуштиле Колективот велат дека е надмоќен над се друго. Штом ќе се оствари оваа врска, Колективот почнува да ја преуредува структурата на нервните патишта, со што се губи индивидуалноста на жртвата.

Кога асимилацијата е завршена, хуманоидното суштество е веќе целосно зависно од инсталираната Борг технологија. Не постои потреба од исхрана, таа е заменета со директно претворање на енергијата од Борг alcove-от.

За очекување е дека таквиот видоизменет хуманоид ќе биде целосно зависен од колективната свест и нервната врска која ги одржува Боргите поврзани едни со други. Ако здрав Борг се одвои од Колективот, за неколку часа ќе се активира оригиналниот имунолошки систем, при што телото се обидува да ги отфрли вештачките Борг импланти и протези.

Покрај индивидуи, Боргите исто така асимилираат и планети и технологии, така што се во состојба во рок од само неколку часа по асимилација на посадата, да го преуредат целиот вселенски брод.

Види линк: Борг расата
Види линк: Locutus of Borg
 
автор: Dr. Philem0n @ 2/22/2006 03:36:00 PM |


4 Comments:


At 10:07 PM, February 22, 2006, Anonymous Zlatko hprpr

Malku e cudno kako moze asimiliranata dna da proizveduva nano sondi koi imaat tolku mehanicki izgled, barem da imaa popriroden izgled :)....

 

At 2:30 PM, February 23, 2006, Blogger Dr. Philem0n

Јас мислам дека механичките делови од наносондите се реплицираат, а органските се кодираат преку асимилираната ДНК.

 

At 4:15 PM, February 23, 2006, Anonymous гижо

дали ова би можело стварно ад се примени во стварноста или е сепак само претерана научна фантастика

 

At 4:52 PM, February 23, 2006, Blogger Dr. Philem0n

Воопшто не е претерано, нано технологијата е дел од современите научни истражувања и веќе извесно време наоѓа практична примена. Во медицинска смисла, најинтересна е наномедицината, употребата на нанороботи, особено во превенцијата и терапијата на рак, еден од најкреативните пристапи на оваа проблематика, покрај молекуларно-генетскиот. Иднината веројатно би била комбинација од двете, особено во контекст на проектот за мапирање на човечкиот геном.

Кога сме веќе во подрачјето на субмикроскопското, еве го и т.н. квантен компјутер, кој би го претставувал потенцијалниот "автономент нервен систем" на медицинските нанороботи, за детектирање и поправка на разни клеточни оштетувања на молекуларно-генетско ниво.