Thursday, August 17, 2006
На нашиве простори е малку познат факт дека авторите на Star Trek погрешно ги пресметуваат и претставуваат меѓуѕвездените далечини. Enterprise е серијата во која најчесто се превидувањата на соодносот на брзината на ѕвездениот брод и оддалеченоста до некоја ѕвезда.

Уште од првата епизода на Enterprise дознаваме дека максималната брзина на бродот е warp 5. Иако никогаш не било официјално потврдено, се претпоставува (врз основа на одредени изјави на Jonathan Archer околу почетокот на таа епизода) дека за таа серија во употреба е Кокрановата warp скала од времето на TOS, што би значело дека кубот од warp факторот помножен со брзината на светлината ја дава моменталната брзина на бродот (warp 1 означува брзина на светлината, warp 2 означува осум пати побрзо од брзината на светлината итн.). Сепак, Enterprise успеа да стигне од Земјата до Qo'noS за четири дена со warp 4,5, што би значело дека клингонската матична планета е одлечена од нас за некои 1,4 светлосни години. Но, и во денешно време се знае дека на 1,4 светлосни години од Земјата и нема баш многу - најблиската ѕвезда е Проксима Кентаури која е оддалечена околу 4,2 светлосни години.

Warp 5 можеби на нас ни изгледа како огромна брзина (125 пати побрза од брзината на светлината), но за поминување на меѓуѕвездени растојанија и не е којзнае колкава. Затоа, веројатноста Enterprise NX-01 да сретнува толку нови интересни видови и планети секоја недела (освен ако нема некое непишано космичко правило во секој ѕвезден систем да има нешто навистина, навистина возбудливо) е минимална.

Ваквите грешки постојат и во TOS, а во понатамошните серии ги нема толку поради не толку добро определената нова warp скала, за која се верува дека Оkuda нацртал крива и ги добил соодносот на брзината и warp факторот бирајќи произволни точки од кривата. Постојат повеќе формули кои се обидуваат да ја објаснат оваа скала.

Сепак, грешките постојат од причина што авторите сакаат сериите и филмовите да бидат поинтересни. Никој не би сакал да гледа неколку едночасовни епизоди по ред во кои бродот не прави ништо особено туку само патува од едно место до друго.
 
автор: З. Андоновски @ 8/17/2006 03:35:00 AM | 6 коментар(и)