Monday, July 28, 2008
Како што се шпекулираше, Cryptic Studios (фирма која стои зад неколку помали MMORPG игри) официјално го превзема проектот Star Trek Online, MMORPG игра која се најавува веќе четири години и чиј развој претрпе неколку неуспеси. На новиот сајт, има и тајмер кој одбројува до големата Star Trek конвенција во Лас Вегас која ќе се случи на 10 август годинава, каде што се очекуваат новости околу играва.

На сајтот има неколку нови скриншоти од играта, како и некои информации. Дејствието ќе се одвива во 25 век, најавени се две фракции - Федерацијата и Клингонската Империја, а на форумите се спомнуваат бродови од периодот на TNG, DS9 и VOY.

Играта е сеуште во рана фаза на развој, нема потврдено датум на излегување, па најверојатно ќе треба да почекаме уште година-две.
 
автор: Бојан Николов @ 7/28/2008 08:46:00 PM | 3 коментар(и)
Tuesday, July 22, 2008
По неколку месеци следење на развојот на новиот Star Trek филм, почнувам да мислам дека ова е една од најлошите идеи во историјата на филмот. Единствено нешто што би можело да му парира на ова, е римејк на Star Wars или Raiders of the Lost Ark. Знам дека веста за снимање на нов Star Trek филм возбуди многу фанови (ете, и мене) ширум светот, но ајде да бидеме реални. Колку навистина сакаат да видат други актери на местата на Кирк, Спок и останатиот екипаж? Star Trek не е James Bond, па дури и некој навистина да се потруди - нема да може ни да му се доближи на Вилијам Шетнер.

Се плашам дека и Star Trek го однесе виорот на римјеци и лоши продолженија, кој изминативе години е некаков тренд или нешто. Како веќе да нема оргинални идеи, се е веќе преџвакување на нешто што веќе е познато.

Star Trek секогаш сум го гледал како нешто што оди и треба да оди напред. Веќе видовме како функционирале работите пред капетанот Кирк, во Enterprise. Серијата колку и да беше океј, сепак имаше граници кои не смееше да ги помине, па затоа на пример, имаше раси кои мистериозно беа исчезнати во другите серијали. И ете, повторно, оди назад, и со актери кои ги носат имињата, униформите и дел од историјата на оние кои го калеа СФ жанрот.

Дали некој ги виде постерите? Освен тоа што Закари Квинто ги има ушите, дали нешто друго потсеќа на Star Trek што сите го сакаме?

Веројатно, најдобрата идеја ќе беше да се остави Star Trek во мирување бар уште некоја година. Да се пронајде навистина добра причина (освен парите) за повторно враќање, па макар било и Enterprise мини-серија или direct-to-video филм. Ете, нека е и со нов екипаж. Ги видовме веќе авантурите на Кирк, и барем јас сакам да ги памтам така како што се.

Нема врска ако Леонард Нимој се враќа како Спок. Нека се врати и Шетнер како Кирк - џабе. Се додека Сајмон Пег е Скоти, ништо не правиме. Сајмон Пег е одличен актер, но е далеку од добар избор за Скоти.

Нешто што повеќе ме плаши од новиот Star Trek филм, е серијата која би можела да настане од евентуалниот успех на филмот. А, што се однесува до мене, јас ќе се потрудам да го скокнам ова...

(текстот е оргинално објавен на Crapwerk)

Labels:

 
автор: Бојан Николов @ 7/22/2008 02:25:00 PM | 6 коментар(и)
Monday, July 21, 2008
По три години постоење, Мак Трек ја достигна бројката од 50.000 посети. Мислам дека и нема подобар повод конечно да се избрише прашината што беше тука со месеци и конечно да се мрдне од некоја мртва точка.

Десетина дена експериментирав со дизјанот, пробував различни комбинации и се решив за овој едноставен изглед кој сметам дека одговара и изгледа симпатично. Покрај тоа е прегледен и функционален. Долколку има некои ситници што ненамерно се испуштени, ќе се потрудам да ги средам.

Три години. Незнам што да кажам, освен да им се заблагодарам на сите кои го читаа блогот и придонесоа на било кој начин, а и да им се извинам на сите оние на кои им недостасуваше. Благодарам за секој мејл во изминативе неколку месеци, мислам дека успеав на сите да одговорам.

Иднината на Мак Трек, иако е неизвесна, сигурен сум дека ќе донесе позитивни работи. Неможам да ветам редовна активност, но секако дека нема да дозволам толку долга пауза.

Благодарам уште еднаш, и поздрав до сите!
 
автор: Бојан Николов @ 7/21/2008 12:49:00 AM | 6 коментар(и)