Tuesday, September 23, 2008
Trek Nation е нов документарец, чиј автор е Род Роденбери, син на легендарниот Џин Роденбери, творецот на Star Trek. Во документарецот ќе можеме да видиме повеќе за животот и идеите на Џин Роденбери, како и за влијанието на Star Trek во изминативе четириесетина години. Од тоа што може да се види од трејлерот (а, има доволно), убеден сум дека не очекува одличен документарец. Ќе има и постари интервјуа од Џин Роденбери, како и со членови од екипата што има работено на петте Star Trek серијали.

Сеуште нема дата на излегување, но се очекува да излезе некаде во 2009. На официјалниот сајт може да се погледне и новиот трејлер.

За крај, препорачувам два фасцинатни документарци посветени на фановите на Star Trek, Trekkies и Trekkies 2.

П.С. Периодов бев малку зафатен, се надевам од утре ќе продолжам со кратките рецензии на Star Trek епизоди.
 
автор: Бојан Николов @ 9/23/2008 09:31:00 PM | 0 коментар(и)
Monday, September 08, 2008
Пред точно 42 години, на денешен ден е прикажана првата епизода од оргиналната серија, "The Man Trap". Епизода која го лансираше Ентерпрајз на телевизиските екрани и создаде феномен кој живее и денес, поддржуван од милиони фанови насекаде низ светот. Се сменија многу работи, но суштината на Star Trek и визијата на Џин Роденбери останаа исти.

На TrekMovie.com има интересни видеа од почетоците на Star Trek, па доколку некој сака да ги погледне, еве и линк.

Деновиве читав стари постови објавувани на МакТрек и сфатив колку од нив делуваат излитено, како да им поминал рокот. Дефинитвно е потребно мало освежување на некои статии, како на пример оние за оргиналната серија или Enterprise, дел од статиите за технологијата, расите и еден куп други. Ако ми дозволи слободното време, би требало периодов што следи да објавам барем нова статија за Star Trek: The Original Series, додека старата ќе си остане во архивите. Исто така, фалат некои раси што би сакал да ги има, па ќе се потрудам и околу тоа.

Сакам да ги вратам и анкетите што одеа секоја недела пред некои три години, а доколку има заинтересираност, би се отворил и нов форум.
 
автор: Бојан Николов @ 9/08/2008 05:35:00 PM | 3 коментар(и)
Wednesday, September 03, 2008
Интересен стрип кој ги прикажува случувањата на екипажот на Enterprise NCC-1701 за време на четвртата година од легендарната петгодишна мисија. Во оргиналната серија ги видовме првите три години, а во анимираната серија останатите две. Star Trek Year Four е мал мини-серијал од само шест броја издадени во 2007 од IDW Publishing, а оваа година почна да излегува и продолжението - Year Four: The Enterprise Experiment.

Од неколкуте Star Trek TOS стрипови што ги имам прочитано, мислам дека овој е најблизок со серијата. Интеракцијата меѓу ликовите, приказните, па дури и околината е таква, каква што дозволувале тогашните сетови да биде. Единствено не ми се допаѓа што ги има Arex и M'Ress, ликови кои се дел од екипажот во анимираната серија. Детски и смешни ликови кои сум сигурен дека продуцентите ги вметнале само колку да ја направат серијата пошарена и понаивна за деца.

Импресониран сум од Star Trek стриповите на IDW. Цртањето и пишувањето е одлично, ликовите личат на актерите, а сценаријата иако се стриповски, суштински се блиски со серијата. Ги има сите моменти што се битен дел од серијата и ликовите. Има физичка пресметка на Кирк со вонземјанин, логиката на Спок, "He's dead Jim", членови на екипажот со црвени униформи кои гинат лесно и непријатели кои се многу слични на оние од серијата. Во еден број дури си прават блага пародија и сами на себе. На кратко, авторите ја користат формулата по која е правена серијата и ги склопуваат овие фини шест броја. Инаку, секој број на Year Four е издаден со три различни насловни страни.

Екипата што стои зад Star Trek Year Four е речиси истата од Star Trek TNG: Тhe Space Between, уште еден одличен стрип мини-серијал на IDW за кој наскоро ќе следи рецензија. Периодов сум многу повеќе загреан за TOS, па затоа повеќе на тоа ќе обрнувам внимание на МакТрек.

Нормално, за секоја рецензија на стрип ќе следат и линкови од каде што ќе може да се превземат во електронска верзија. Подолу ги имате сите шест броеви на Star Trek Year Four во .cbr формат. Доколку ви е потребно програмче за да ги отворите, клик тука.

Labels:

 
автор: Бојан Николов @ 9/03/2008 04:20:00 PM | 1 коментар(и)